Умот не е брод што треба да се натовари, умот е оган што треба да се разгори.“ - Плутарх

среда, 12. децембар 2012.

Корупција - ја сечеш гранката на којашто седиш


Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со Центарот за граѓански комуникации, Бирото за развој на образование и Министерството за образование и наука, го спроведува проектот „Антикорупциска едукација на учениците од основните училишта“. Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Република Македонија. Во насока на преземање конкретни чекори за реализација на активноста посветена на антикорупциска едукација на наставниците по предметот граѓанско образование, а со цел ефикасно спроведување на „Програмата за антикорупциска едукација на учениците од основните училишта“, Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со надворешните соработници – експерти ангажирани за реализација на проектот, на 20.10.2012 година реализираше обука за наставниците кои изведуваат настава по предметот граѓанско образование во четирите основни училиштата опфатени со проектот-„Димитар Миладинов“ и „Јан Амос Коменски“ од Скопје, „Гоце Делчев “од Гостивар и „Ванчо Прке“ од Штип.


Со мотото „Корупција - ја сечеш гранката на којашто седиш“ се објаснува дека корупцијата не познава пол, вероисповед, нација, професија, возраст, граници, степен на образование, нагласувајќи дека таа е негативен дел од денешницата и од неа треба да се
заштитиме. Целите кои ги вклучува програмата за антикорупциска едукација, посветена на учениците од основните училишта, е тие да бидат запознаени со одредени поими, односно преку одредени активности да разберат за корупцијата и антикорупцијата, да
анализираат ситуации, личности и настани поврзани со корупцијата, да се стават во друга ситуација и преку совладување на материјата да станат активни граѓани, коишто ќе придонесат кон развојот на модерното демократско општество.

Програмата за антикорупциска едукација на учениците од основните училишта ќе опфати:
а) предавања за запознавање на учениците со поимите, можностите за заштита и превентивно делување кон корупциските активности;
б) работилници за антикорупциска едукација на учениците, со чија помош истите ќе бидат ставени во активна ситуација, во која ќе земат учество;
в) пополнување на прашалници од учениците пред почетокот на проектот и по неговото завршување;
г) запознавање на пошироката јавност со активностите поврзани со борбата против корупцијата преку работата на учениците;
д) организирање на натпревар за учениците за најдобра творба поврзана со антикорупциската едукација;
ѓ) антикорупциска едукација на наставниците, коишто ќе го спроведуваат проектот во основните училишта, но и на оние коишто работат секојдневно со учениците;
е) покана и учество на личности поврзани со борбата против корупцијата.

ЦЕЛИ НА ПРОГРАМАТА
1. Општи цели
Ученикот/ученичката е потребно:
- да се запознае со поимите корупција, антикорупција, интегритет и етичност;
- да се запознае што значи „одолевање на социјален притисок“;
- да знае за облиците во кои може да се појави корупцијата и начинот на спречување и заштита од истата;
- да ги препознава механизмите за спречување на корупцијата;
- да го сфати штетното влијание на корупцијата во општеството;
- даја сфати улогата на Државната комисија за спречување на корупција во Република Македонија и механизмите преку кои таа делува;
- да анализира како и каде може да се појави корупцијата и на кој начин може да се спречи истата;
- да се стави во ситуација, во која ќе има активна улога, преку која ќе разбере за антикорупцијата и за потребата од антикорупциска едукација и
- да се стави во улога на активен граѓанин, кој ќе придонесе за развојот на Република Македонија.

1. Поими
Корупција, антикорупција, интегритет, етичност, социјален притисок, механизми за спречување на корупцијата, Државна комисија за спречување на корупција, пари, подароци, облека, храна, услуги.
2. Објаснување на поимите
Корупцијата за општеството претставува исто што и црвот во јаболкото. Таа ги заобиколува чесноста и праведноста, ги форсира тие што со помоштана парите или вршејќи други услуги си „купуваат“ оценки во училиштето, место во училишниот тим,
поубаво работно место или некаква повисока општествена положба. И покрај тоа што постојат луѓе кои со своето знаење, труд, залагање, умешност и вештини се подобри од нив, и според сите правила тоа го заслужуваат, заради претходно споменатите не можат да го добијат посакуваното.
Антикорупција претставува активност или борба која е насочена кон оневозможување на корупцијата, односно борба за еднаквост на сите. Во образованието, оценувањето на знаењето се врши јавно на час, пред сите ученици. Секој има право да знае која оценка се добива според бројот на поени на направениот тест, секој може да побара и даоствари увид на сопствените грешки во писмената работа или со други зборови – секој може да бара еднаков однос на наставникот и на општеството. Меѓу другото, тоа се мерки на антикорупција.
Интегритетот ја прикажува подготвеноста на поединецот да се спротивстави или да не го прифати лошото. Поинаку кажано, поединецот којшто е отпорен на лошото - велиме дека
е личност со интегритет.Етичност претставува личен однос кон прашањата кои се однесуваат на доброто и лошото. Тој којшто секогаш е подготвен да го избере доброто како сопствен начин и стил на живеење, однесување и комуницирање, велиме дека е етичен или човек со високи морални вредности и квалитети.
Социјалниот притисок го создаваат луѓето од поблиското и поширокото опкружување, како резултат на културата, навиките, обичаите и законите во општеството. Тој притисок се доживува како некакво очекување од средината, поединецот нешто да стори или да се откаже од нешто како резултат на споменатите фактори. Механизми за спречување на корупцијата се оние институции и органи во државата кои имаат право и должност да преземаат мерки за откривање на корупција, пронаоѓање, фаќање и соодветно казнување на корумпираните лица.
Тоа се Државната комисија за спречување на корупцијата, полицијата, јавното обвинителство, судовите. Најзначајно од сè е нивната соработка со граѓаните. Државната комисија за спречување на корупцијата е тим од стручни луѓе, кои планираат превентивни мерки за спречување на корупцијата, а со документите што ги носат ги задолжуваат сите институции во државата да спроведуваат антикорупциски мерки. Парите се средство за купување на производи, но во одредени (коруптивни) случаи и за купување на оценки, работно место или повисока положба во општеството.
Подароците претставуваат материјално или нематеријално добро, кои најчесто се даваат во знак на внимание, но кај корупцијата отсликуваат вредност - некој да стори нешто за поединецот што тој не го заслужува, или да му даде нешто што не му припаѓа. Како материјални добра може да ги посочиме парите, облеката, храната, парфемите и останато што е опипливо. Во нематеријално добро се вбројува вид на услуга којашто ќе му овозможи на некое лице побрзо да напредува, да добие нешто што не му припаѓа или не смее да го има.
Стоп за корупцијата – создава нееднаквост, ги намалува можностите на немоќните, ги форсира неспособните, го спречува развојот.


Нема коментара:

Постави коментар