Умот не е брод што треба да се натовари, умот е оган што треба да се разгори.“ - Плутарх

субота, 1. март 2014.

МАКЕДОНСКА ПРОЧКА – РУСКА МАСЛЕНИЦА 2014

Празник на проштевањето и очистувањето од гревовите
Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите и сл. се остатоци од претхристијанските пролетни забави.
Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
На Прочка се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името) потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи како што е на пр. проштевањето имаат христијанска основа, додека други се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.
Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница. Саботата пред Прочка во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, во други, само Дете за кора. Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете кое што гледајќи како богатите носат секој ден на фурната сукани јадења побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи и плачејќи умрело. За спомен на тој ден и на тоа дете останало на овој ден да се меси баничка, зелник или друга храна и да се раздава.
Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни Поклади зашто на тој ден се запокладува (запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од Месни Поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела. Според преданието на некој што умрел во текот на овие денови во забите му нашле месо што го сметале за причина за смртта. Оттогаш останало строго да се внимава во текот на Сирната недела да не се јаде месо. Од обичаите што се изведуваат на Сирни Понеделник интересно е канењето на ветерот да дојде преку летото кога е потребен за веење на житото. Имено тогаш се прави „топејнца“, со кисело млеко или маштејнца (маштеница) се носи на гумното, три пати се трча низ гумното со викање: „Ела ветре да јајме топејнца,/ в лето да дојш да вејме чејнца, југу, југу, југу...“ Потоа се руча до стежерот.
Од Сирни Поклади, односно од  Прочка започнува да не се јадат и млечни производи со што започнуваат големите, долги седум недели Велигденски пости, што траат до Велигден.
Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат, па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што и погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!”, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа”,  или само: „Просто да ви е”. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето. Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза. Останало забележано дека и младите вљубени на чешмата се проштевале со по некој бакнеж зашто за време на Велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.
Амкањето е интересен обичај кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен во други места памучен) кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без при тоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.
Во Мариово кога тој што амкал ќе речел: „Ам!”,  домаќинот го прашувал: „Што амкаш?”, на што тој одговарал: „Амкам за здравје!” При лупењето на јајцето се внимавало еден дел од лушпата да остане поцелосен, а потоа од него сите пиеле вода велејќи: „За крто душа!”, што значи кртовите што се наоѓале во нивните или бавчите да умрат или барем да минат во туѓ синор. Во Дебарца според обичаите и верувањата што ги забележавме притоа се велело: „Таму му гробнина, таму му столнина!”, што имало исто значење. Во некои краишта од Македонија сите пиеле вино од белката на јајцето, а лушпите ги фрлале во соседниот двор, за и болвите да прејдат кај соседите. Во Скопје, како и во Воден, Битола и др. места амкале најпрвин со пита, потоа со јајце и на крајот со алва. По амкањето со конецот на кој било врзано јајцето се гатало за живот на старите луѓе во селото. Се споменувало некое име на стар човек и се запалувал конецот. Ако подолго време горел со пламен, ќе живеел долго, ако веднаш угаснел ќе умрел во таа година. Во некои места вака се гатало само за старите луѓе, во други за секој член од семејството.
Величествен впечаток оставаат големите обредни огнови, кои се палат вечерта на овој празник. Во Штип, Радовиш, Гевгелиско и некои други места овој оган се викал Голема Ора-копа, за разлика од Малата Ора-копа, оганот што се палел една недела порано. Големата Ора-копа се изведувала посвечено од малата, со поголеми огнови, со повеќе деца, со повеќе песни итн. Важно е за овие огнови што децата ги прескокнуваат со верување дека ќе се очистат не само од болви, вошки и други паразити, туку и од негативните демони, но најповеќе од гревовите.
Во Разлошко овој оган се вика Гаро. Целото попладне децата го подготвувале Гарото, а уште пред да го запалат девојките пееле:
Јунак стрелба стрелаше,
стрелите му падаа,
на момини дворове.
Мома двори метеше,
и си стрели береше.
Јунак и се молеше:
-Дај ми моме стрелите,
ќе ти одам прстенче!
По запалувањето на Гарото вечерта, девојките играле оро без песни, а момчињата го прескокнувале Гарото, играле и пукале од пиштоли. Повозрасните момчиња фрлале стрели, наречени „самострели” кон куќите на девојките што ги сакале. Стрелите ги правеле од борова срцевина, напоена со боров катран, на врвовите му лепеле боров катран од колите, потоа ги запалувале од Гарото и така ги фрлале кон куќите на саканите девојки. Во Банско овој оган се викал Стрелачка и околу него не се играло оро.
Д.В. Македонски забележал кон крајот на минатиот век дека во селата Емборе, Дебрец и Палиор во егејскиот дел на Македонија децата, исто така, правеле голем куп од дрва, смреки и слама, наречен Ерле и навечер на празникот го палеле со пукање од пушка или пиштол. Ако тоа не успеело дури тогаш го палеле со оган. Околу него пееле, а потоа запален сноп слама (ржаница) носеле дома со верување дека летото нема да има болви. Вакво Ерле правеле децата од секоја маала и се натпреварувале чие ќе гори последно.
Во Струга како што е запишано во зборникот на Браќата Миладиновци се изведувал обичајот наречен Лапрди. „На Поклади вечерта децата играет околу црков со лапрди. Лапрди сет др’гови, не толку д'лги, на врхот расцепени и в цепот накладено сено сврзано. В сеното клавает јаглен, и вртет лапрдата, на десно, на лево, дури да се запалит сеното и да изгаснит. После оставет драговите в црква”.
Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид во втората половина на минатиот век целата ова недела по Прочка се викала Чиста Недела и секој ден одделно: Чист Понеделник, Чист Вторник итн. Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црквата каде што земале светена вода „наезмо”, а потоа дома приредувале гозба, со посна храна, на која ги канеле роднините и пријателите.  Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери, а самиот чин постење, односно гладување тримерење. (Марко Китевски)

Нема коментара:

Постави коментар